Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха соопшти дека Русија во текот на ноќта извршила напади врз Украина со балистички ракети и беспилотни летала, насочени кон критичната енергетска инфраструктура.
Во објава на социјалните мрежи Сибиха наведе дека Русија се обидува да остави милиони Украинци без електрична енергија, греење и вода со приближувањето на зимата. Министерот за надворешни работи изјави дека Русија се обидува со студ и темнина да го постигне она што не успеала да го оствари на бојното поле, истакнувајќи дека овие напади имаат цел да го направат цивилниот живот на украинското население неподнослив.
Сибиха нагласи дека Украина, заедно со своите партнери, располага со потребните можности за запирање на руските напади. Тој истакна дека на Украина ѝ се потребни повеќе системи за противвоздушна одбрана, ракети-пресретнувачи и политичка волја за да се обезбеди нивна испорака без одложување.
Macedonia News Agency














